Обичниот зајак е мал и племенит дивеч, која припаѓа на фамилијата двозаби (lopiroidae) долгоуши животни, од родот Lepus. Мажјакот се нарекува зајак, женката зајачица, а младенчето зајче. Во поволни прехрамбени и други месторастежни услови зајакот пораснува во должина од 75-80 cm. Опашката му е многу кратка, со должина 7-10 cm. Висината му се движи од 30-35 cm. Телесната маса му изнесува од 4-6 kg, но во зависност од месторастежните услови најтешките примероци можат да тежат и до 7 kg. Кај обичниот зајак како и кај останатите претставници од фамилијата lopiroidae забалото му е составено од 28 заби: во горната вилица има еден пар на вистински секачи, еден пар парасекачи и 12 катници, а во долната вилица има 2 секачи и 12 катници. Кондило - базалната должина на черепот му варира од 82 - 92 mm.
Телото на зајакот му е прекриено со густо и меко влакно, чија што боја е многу променлива, но прилагодена на местото на живеење поради што е тешко забележителен. Грбната страна му е со жолтесто-кафејава до зеленкаста боја. Врвовите на ушите и горната страна на опашката имаат црна боја на влакното, додека долната страна на стомакот и опашката имаат бела боја на влакното. Зимското влакно кај обичниот зајак е нешто подолго, погусто и потемно од летното влакно.
Главата кај обичниот зајак е сплесната и издолжена, на која од страната се наоѓаат многу крупни очи. Ушите му се доста долги, подолги од должината на главата на која стојат исправено. Долната усна е засечена, а околу која се наоѓаат многу силни “бркови“. Задните нозе му се значително подолги од предните, а шепите (стапалата) одоздола се прекриени со густи влакна, кои што му служат како заштита од студот и за полесно движење по замрзнатиот снег. На предните нозе зајакот има пет, а на задните нозе четири прста.
No comments:
Post a Comment